Лидија Димковска «Нашиот «непотонлив» свет “Титаник”»

Лидија Димковска «Нашиот «непотонлив» свет “Титаник”»

Мојата 13-годишна ќерка го обoжава филмот «Титаник», романтизираната трагедија со Леонардо ди Каприо и Кејт Винслет од три и пол часа во која се чини дека животот и пркоси на смртта до самиот крај. Во реалната верзија на бродоломот на Титаник, пак, смртта му пркоси на животот до неговото потполно уништување. Во историјата на човештвото имавме многу симболични Титаника, а епидемијата на коронавирусот нѐ соочи со уште еден Титаник — светот во кој живееме. Да, нашиот свет е како бродот Титаник: и ние, како и градителите на бродот, мислевме дека светот во кој пловиме односно живееме е непотонлив, а очигледно е дека тоне пред наши очи. 

Надградуван според најсовремените технологии мислевме дека никој и ништо не му може, но пред повеќе од половина година удри во сантата мраз наречена коронавирус. Во 21-от веке сѐ уште не сме имале толку голем шок како човештво, особено што потонувањето се уште трае, а последните бројки на 29 август 2020 год. гласат: 24 587 513 заразени, 833 556 починати, 216 земји или територии со болни. Ова е најглобалната загуба на 21-от век. 

Нашиот свет «Титаник» ги надмина световите на 20-от, 19-от, 18-от и сите останати векови пред сѐ во својата неолибералистичка и конзуматорска логика: колку повеќе трошење, толку повеќе произведување. Разликите меѓу богатството и сиромаштијата, меѓу луксузот и бедата, меѓу потрошувачката и егзистенцијалните потреби и меѓу класните припадности станаа толку очигледни што не можеме, а да не направиме споредба меѓу двата Титаника: бродот од 1912 год. и светот од 2020 год. И во двата, првата класа пловеше во луксуз и задоволство за кои патниците / жителите плаќаа огромни суми за секоја ситница на својот комфор. Затоа мораа да имаат работна сила која требаше да им го зголемува богатството дури тие одмораат. Некои од нивните слуги и работници резигнирано се криеја во третата класа сонувајќи за живот без класи. Во втората класа исто така не недостигаше комфорот и задоволството, можеби само бројот на лифтовите беше помал, а во нив се возеа помали крупни риби, но сѐ уште доволно богати за да имаат сѐ што ќе посакаат. И во првата и во втората класа имаше луѓе познати од листите на Форбс на најбогатите жители, а меѓу нив и спортисти кои за гол, кош или сет добиваа милионски суми, или ѕвезди од шоу бизнисот кои за своите улоги во животот или во кичот добиваа исто така огромни суми. Во третата класа, пак, можеа да се сретнат научници и уметници кои најчесто мораа да го трошат времето на аплицирање за грантови одошто на истражување и креативност. На опашката на третата класа се криеја мигрантите и најсиромашните патници на светот кои сонуваа за подобар свет, а изгубија сѐ во бродоломот на нашиот свет. Ни бродот ни светот Титаник не беа само приказна за потонатите соништа да се биде богат, среќен и успешен: мигрантите и најмногу сонуваа за тоа. Секој патуваше низ нашиот свет со различна причина: едни живееја за работата, едни живееја од работата, едни живееја за задоволство, други сакаа да видат како тоа изгледа, а многумина живуркаа. Ни на бродот, ни во нашиот свет, нема(ше) неранливи категории луѓе. Токму затоа, денес, со позитивен тест в рака, секој сака пред сѐ да биде здрав и жив. Иако и во здравјето и во животот има класна разлика, и тоа каква! 

Во февруари 2020 кога светот го достигна веста од Вухан за новиот коронавирус, нашиот Титаник се потсврте кон Азија. Предупредувањата почнаа да пристигнуваат од сите страни, но ретко кој обрнуваше внимание на тоа. Сите беа зафатени со својот живот, некои одговарајќи исто како Џек Филипс од бродот Титаник: «Молчи, зафатен сум». Иако коронавирусот во Вухан веќе косеше животи, во останатите делови од нашиот свет само по некој ќе притиснеше на сигналот за узбуна и ќе извикаше: «Пази, Ковид-19!» Сите мислеа дека вирусот нема да стигне од Вухан во останатите делови на светот, па патниците не ни сакаа да го напуштат местото кајшто се најдоа кога избувна вирусот, не сакаа да се откажат од сопствените задоволства и навики за да се качат на чамците за спасување кои и онака беа малку на број. Кормилото на нашиот свет не ја избегна сантата мраз: удри директно во неа односно таа удри во него, му го продупчи трупот на светот и вирусот како морска вода почна да ги поплавува одделенијата на континентите. Во тој миг се затворија херметичките врати зад нас и коронавирусот го преплави нашиот свет, прво во неколку, потоа во сѐ повеќе земји, влечејќи не сѐ подолу и подолу во нашата неподготвеност и неимуност. Следуваа наредби да се подготват чамците за спасување и Светската здравствена организација испрати меѓународен сигнал за опасност, но светот немаше доволно чамци за спасување — вентилатори, респиратори, маски, визири, скафандери, инфектолози, епидемиолози и ниту една вакцина или лек против Ковид-19. Дали тие и во иднина ќе бидат само за патниците од прва класа, од развиениот свет, но не и за посиромашните класи, за земјите од третиот свет? Онаму каде што се воспоставија заштитни мерки, некои, пак, не ни сакаа да поверуваат во постоењето на коронавирусот и едноставно им свртија грб, не сакајќи да се откажат од вообичаениот живот на бродот-свет дури и кога тој тоне. Следуваа репресии, казни, полициски часови, карантин и многу злоупотреби на моќта. Ковид-19 стана политички изговор за многу погрешни политички одлуки.

На бродот «Титаник» во третата класа, од едно шведско семејство останал жив само таткото: загинале и мајката и четирите деца. Таткото ги чекал да пристигнат на пристаништето, но нив ги немало. И во нашиот свет Титаник Швеѓаните умираа(т) масовно (5821 жител), а цели семејства се избришани од книгата на живите. Дали после повеќе од половина година нашиот свет е поподготвен за последиците од епидемијата? Дали сега има и дали ќе има доволно маски, вентилатори, лекари, дали еден ден сите речиси осум милијарди жители ќе можат да ја примат вакцината што сѐ уште ја нема? Илузија, реалност? 

За жал, од историјата единствено научивме дека од историјата ништо не научивме, па и оваа пандемија, иако ќе остави големи последици зад себе, човекот ќе побрза да ја заборави и колку-толку да ја санира за да продолжи понатаму во истиот или сличен терк како и пред неа, одошто да извлече поуки и да промени клучни нешта во сопствениот живот и во општеството. Градителите на бродот «Титаник» им ги оставија на идните бродоградители во наследство и поука своите грешки и пропусти при градењето на бродот, а ние, градителите на светот во 21-от век ќе им ги оставиме на новите генерации и причините, но и последиците за неговото распаѓање. 

И бродот и светот Титаник изгледаа совршено за конзумеристичкото око на современиот човек, беа мултинациналка, корпорација со која градителите се гордееја. За жал, само навидум: во сржта на својата градба тие беа шупливи и празни. Ахиловата пета на бродот и на светот «Титаник» беше токму тоа «навидум», таа шуплина и празнотија во која се капеше богатството и потрошувачката. Можеби нашиот свет тоне поради прекумерната брзина со која управуваше исто како што тоа се случи со бродот Титаник? Во мигот на појавувањето на коронавирусот многумина сметаа дека безглаво јуриме во пропаст, но многумина исто така сметаа дека светот, со оглед на капиталистичката логика, си ја има својата нормална брзина. Веднаш по избувнувањето на Ковид-19 светот беше подготвен само за две седмици да ја намали брзината, а всушност кочи и тоне повеќе од половина година. Денес совесните современици предупредуваат дека треба да се внесат многу промени за да не дојде и во иднина до нов судир со некоја нова санта мраз. Губењето на многуте животи го изнесе на видело фактот дека нашиот Титаник нема доволно чамци за спасување односно вентилатори, респиратори, маски, лекари, медицински сестри, кадар во домовите за стари лица, и секако, ни вакцина ни лек. На почетокот на пандемијата завладеа оптимистички призвук во интелектуалната средина, дека конечно му дојде крајот на неолиберализмот, дека светот ќе се врати на своите стари вредности, дека конечно секој ќе добие свое место под сонцето, дека повеќе никој нема да биде гладен бидејќи распределбата на капиталот ќе стане правична, дека поразумно ќе гледаме на патувањата, на искористувањето на природните ресурси, на загадувањето на околината, дека нема повеќе толку да трошиме, дека ќе се врати квалитетот во нашиот живот, итн., а колку што се одолговлекува епидемијата спласнува и надежта во моделот на правична социјална држава. Ако погледнеме околу себе ќе видиме дека луѓето одвај чекаат да продолжат со стариот живот, каков и да бил, дека државите пред да помислат на бездомникот најпрво сакаат да го спасат капиталот од кого тој бездомник никогаш немал никаква полза. Да, светот тоне, но капитализмот — не. 

На бродот Титаник, оркестарот кој ги придружувал патниците продолжил да свири дури и кога станало очигледно дека бродот ќе потоне сосе нив. На почетокот на епидемијата токму музичарите беа првите сојузници во несреќата, свирејќи и пеејќи на своите домашни прозорци и балкони. Првиот лекар кој го откри коронавирусот и наскоро почина во сомнителни околности во Вухан, црнохуморно прогласен за маченик, е небаре прототип за исчезнувањето на патникот Вилијам Томас Стед од Титаник кој имал интуиција и ја предвидел својата смрт. Зборовите на Стед: «Ова ќе се случи доколку сите бродови на пареа тргнат со недостаток на чамци за спасување» небаре се неизговорена фраза на кинескиот лекар. Небаре се ехо од «Чума» на Ками, од «Слепило» на Сарамаго, од «Љубов во време на колера» на Маркес. 

Никогаш појасно не било дека по епидемијата насекаде низ светот треба на секој начин да се инвестира пред се во здравството, образованието, научната мисла и културата. Друго прашање е дали тоа и навистина ќе се случи. Каде се уметниците во сето тоа? Токму уметноста е денес најдобриот завој за раната од физичката дистанца — сите наеднаш гледаат онлајн претстави, концерти, изложби, бесплатно симнуваат филмови, читаат е-книги, толкава конзумација на културата ретко се случува во нормални услови, но оние кои ја создаваат културата, уметниците, се симбол на прекаријатот и најчесто жртви на празните ветувања на властите. 

Бродот Титаник потонал во 1912 год., а нашиот свет е Титаник кој тоне денес, во 2020 год. Дали еден од малубројните чамци за спасување е Ноевата арка? Но кој и на какво тло ќе излезе од него?


Лидија Димковска © text, 2020

All rights are reserved. No part of this publication may be reproduced, stored in a retrieval system or transmitted in any form or by any means, electronic, mechanical, photocopying, recording or otherwise, without prior permission of NGO Publishers' Forum © NGO Publishers' Forum, 2020